Knigi na Makedonika litera Bitola
Одлични изданија од македонски и странски автори по неверојатно исплатлива цена!
Нови четири изданија на македонски јазик од четворица успешни хрватски автори во издание на "Македоника литера" ⬇️ makedonikalitera.mk
„Во текот на овие 40 години сум издал околу 35 граматики. Најголем дел од нив се нови изданија меѓу кои најзначајни се: Општата граматика од 1950 година, потоа четирите изданија на Општата граматика за средните училишта, како и граматиките за одделните одделенија. Имам околу 15 преведени дела.
Ромската граматика почнав да ја пишувам со Шаип Јусуф во 1973. Оваа граматика е општа и таа дава можност да се создаде заеднички литературен јазик за сите Роми иако е настаната на оваа територија. Тоа е прв обид за нормирање на ромскиот јазик, а да не зборуваме за нејзиното значење за популаризацијата на ромскиот јазик. А тоа е една, не само за мене, драгоцена и пионерска книга.“
Од најновата продукција на „Македоника литера:
„Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредувач: Јованка Кепеска
Повеќе информации:
https://www.makedonikalitera.mk/strucni-drugi-izdanija/646-neobjaveni-stranici-za-makedonskiot-jazik-od-krume-kepeski
Наскоро, уште една книга за младите читатели, која три децении е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска:
Искрена романса, роман за растењето, за првото вљубување, за првото сексуално искуство, за првата голема средба со реалниот живот, за храброста да се преиспитаат сопствените верувања и да се бранат пред другите; поглед на советската реалност низ очите на некој кој верувал во идиличниот и среќен живот од плакатите.
https://www.makedonikalitera.mk/prevedena-proza/629-pavel-dusho-moja
Љубовна приказна чии деликатни дејства се надополнуваат со живописните пејзажи на италијанските Алпи. Главните ликови, кои постојано се бараат себеси, се како глутница волци кои бараат блаженство додека се наоѓаат на пресвртница во своите животи откако го напуштиле градот (Милано) и заминале во едно високо алпско село сместено во дивите и фасцинантни предели. Во „Среќата на волкот“ Коњети ги истражува човечките односи, нивните пукнатини, празнини и недостатоци преку постојан дијалог меѓу човекот и природата. Оваа проза е како медитација за планината и за љубовта.
https://www.makedonikalitera.mk/prevedena-proza/622-srekjata-na-volkot
Фашизмот во Холандија спроти и на почетокот на Втората светска војна бил прифатен со симпатии кај голем број од Холанѓаните и имало голем број поддржувачи на германските нацисти. Поради тоа, германските воени сили лесно завладеале со оваа колонијалистичка земја. Тоа придонесло да има многу голема смртност на холандските Евреи. Холандија е на врвот на земјите со висока смртност на Евреите за време на Втората светска војна. Нацистите ги погубиле речиси сите Евреи во Холандија (најпозната е Ана Франк). Меѓу малкуте спасени Евреи е и познатата новинарка Селма ван де Пере, која преживеала благодарение на промената на идентитетот. За сето време никој не ѝ го знаел вистинското име, ниту пак дека е Еврејка. Дури по војната, успева да му се врати и на своето вистинско име и се осмелила повторно да каже: Се викам Селма.
Неверојатни и трогателни мемоари.
„Неверојатна приказна за храброста и сочувството“. – Киркус ривјус
„Каква жена. Која храброст и сила. Просто трогнува“. – Саскија Норт, писателка.
„Извонредна книга... ‘Се викам Селма’ треба да биде лектира во училиштата“. – Либел
https://www.makedonikalitera.mk/prevedena-proza/645-se-vikam-selma
Наскоро, во издание на „Македоника литера“:
Од каталогот на „Македоника литера“:
Селведин Авдиќ - КАПКА ВЕСЕЛБА
Роман за предвоена Зеница во Босна.
Главниот јунак Миран се враќа во градот по војната, еден ден после земјотрес и голема поплава. Тој ќе се обиде да живее мирно, во трошна зграда, со разнобојни соседи и спомени, ќе започне љубовна врска со Верена, поранешната сопруга на кралот Банана, која е само дел од моќната и чудна галерија на ликови во романот. Приказната за Миран ќе биде заменета со приказната на шефот на хотелската сала на хотелот „Металург“ во градот „лулка на пролетаријатот“: за темнината, за отворената врата на подземјето што ги зафатило луѓето, за злото што доаѓа и расте, за падот и самракот на цивилизацијата, за вознемиреноста и паранојата, за некои апокалиптични или темни теми...
134 стр. / А5 (200 х 140), 2021, 200 ден.
Нова книга:
„ЗАШТИТА НА ИСТОРИСКИОТ ГРАД ПЕКИНГ: КЛУЧНИ ТЕРМИНИ“
Оваа книга содржи 110 клучни концепти за заштитата на историскиот град Пекинг, каде централно место има познатиот Забранет Град. Концептите се дефинирани од аспект на историјата, урбанистичкото планирање, системот за заштита и конзервацијата на ревитализираниот стар Пекинг, во кој се наоѓа најголемиот и најдобро зачуван владетелски комплекс од дрвени палати во светот.
Пекинг има историја од повеќе од 3000 години како град, а 870 години е главен град. Историскиот центар на Пекинг првпат бил изграден во 1386 год. од императорот Хонгву, во времето на династиите Минг и Ќинг, а во 1553 година бил проширен од императорот Ѓиаѓинг. Се состоел од правоаголен Надворешен Град и квадратестиот Внатрешен Град кој го опколувал Царскиот Град, кој пак за свој центар ги имал Забранетиот Град. Со вкупна површина од околу 63,8 квадратни километри, бил лоциран во денешен централен Пекинг. Внатрешниот град опфаќа вкупна површина од околу 36 квадратни километри. Надворешниот Град бил правоаголниот јужен дел од градот Пекинг во времето на династиите Минг и Ќинг, бил додаден за да се зацврстат безбедносните и одбранбените капацитети на градот и ги вклучувал Храмот на небото и Олтарот на богот на земјоделството, а има вкупна површина од околу 26,7 квадратни километри. Палатниот Град, денес Забранетиот Град во Пекинг, бил местото каде што се наоѓале палатите во династиите Минг и Ќинг. Сместен во централниот дел на Царскиот Град, бил изграден врз палатите од 1420 година. Палатниот Град се состои од обѕидана површина со градби внатре, опколена со окоп (реката Тонгѕи). Севкупно, зафаќа површина од околу еден квадратен километар.
Книгата содржи и мапи, поимник и куса хронологија на кинеската историја.
Превод од англиски на македонски јазик е на Славчо Пеев.
Оваа книга е 63-та кинеска книга публикувана од „Македоника литера“.
Некои од нашите понови изданија: Прочитајте повеќе на makedonikalitera.mk
Четиво за овој викенд:
Лука Вукушиќ: ОГАН ВО СНЕГОТ
(Извадок)
КОНСТАНТИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОБЕДИ!
Јуст, заедно со други војници, чекаше наредба за напад на височинката пред мостот. Пред нив се распостилаше воодушевувачка глетка: Вечниот Град во далечината, вегетацијата во избледени бои, но сепак густа, Тибар надојден од есенските дождови, а крај него застрашувачката војска на Максенциј. Се врти наоколу и гледа во илјадниците христограми на штитовите. Го обзема силно чувство на возбуда – нешто важно се случува, а тој, Јуст од Парентиум, учествува во тоа.
Чудно е колку брзо работите можат да се променат, помисли тој. Не така одамна, Диоклецијан како лудак ги прогонуваше христијаните, а Галериј им ги предаваше на своите миленици мечки да им ја локаат крвта. Но, еве, Константин, во чија војска е тој, сега се бори за самиот Христос. Дали во него гледа само еден од боговите кој со меч в рака ќе му го отвори патот кон Градот и ќе му го прослави името или навистина чувствува и верува во нешто повеќе, ќе покаже времето. Од своите кратки средби со Константин и од приказните на другите, Јуст беше добил впечаток дека е решителен човек, подготвен да ја брани правдата и честа во секоја пригода. Не еднаш со свои очи се беше уверил во неговата бестрашност, дури и суровост. А сепак, кога немаше непосредна закана или опасност, тој беше дружељубив човек кој, без разлика на својата висока положба, успеваше да воспостави добар однос со војниците, особено со оние од истокот на Царството, од каде што беше и самиот. Сега таму пред него, светол и блескав како грчки јунак, седеше исправено на својот вранец и сериозно гледаше час кон небото и Градот, час долу кон Тибар.
Константин знаеше дека следните моменти ќе одлучат за неговата судбина, но не се предаде на возбудата што речиси опипливо го исполнуваше воздухот. Сè за што требаше да се размисли и да се одлучи веќе беше зад него. Беше толку смирен што во еден толку важен момент можеше да си дозволи да се потсети на своето рано детство, кога пред него не беше големиот Тибар, туку реката од неговиот роден град Наисус. Како повторно да ја почувствува нежната рака на мајка си и да го слушна нејзиниот топол глас како му кажува за јуначките походи на татко му, за љубовта и правдата кои еден ден ќе владеат со светот. Којзнае дали без приказните на мајка му што ги беше слушал како дете, ќе станеше токму истиот овој човек? Колку дамнешни се чинеа тие денови кога сè изгледаше толку беспрекорно уредно и сјајно. Секоја постапка имаше свое значење и ред, а мајка му знаеше сето тоа да му го објасни. Често ги проучуваше шарените мозаици со стварни и нестварни облици по кои врвеше во Наис и ја прашуваше што прикажуваат и зошто некое камче во некоја боја е...
Во еден момент тој благо се намурти, ги стегна уздите и се сврте кон својата војска.
„Војници“, викна со рапав глас, „синоќа, додека одев низ логорот, на неколку места слушнав како зборувате за знакот што го видовме вчера. Преплетени три суви гранки, слушнав од некого...“ Го прекина смеењето на неколку војници некаде во заднина. Го крена погледот во таа насока и накратко го прекина говорот со блага насмевка, а потоа повторно стана сериозен и продолжи: „Да, суви гранки... Дури и навистина да имаше само таков знак на небото, тој исто така ќе имаше свое значење и порака. Но, беше многу повеќе од тоа. Ни се прикажа христограм, знакот на единствениот Бог што го признавам, а над него грчки натпис: En tоuto nika! – „Со овој знак победувај!“ Ова ни дава право да се сметаме за победници уште пред битката. Единственото прашање е на кој начин Бог ја замислил нашата победа. За Христос, богочовекот убиен за време на царот Тибериј и јудејскиот управител Понтиј Пилат, слушав често и секакви работи, од вас браќа, но и од учените луѓе, пред сѐ од мојот голем пријател, ораторот Лактантиј. Меѓутоа, најголем пример ми даде татко ми, кој особено му се молеше на Христа и особено ги ценеше неговите следбеници, и како војници и како луѓе. Сите знаете дека тој, така да се каже, не ја послушал наредбата на царот Галериј, и само благодарение на него Галија била поштедена од прогонството на христијаните што се случило на други места во Царството. Така, татко ми му се молеше на Христос, а тој Христос ми се обрати мене вечерва, можеби благодарение на татко ми. Браќа војници, ми рече да направам воено знаме и на него да го ставам неговиот знак, христограмот што сега сите го имате на штитовите. Бидејќи ми заповеда да победувам со тој знак, јас ќе ви го заповедам истото и не би сакал ништо повеќе од тоа да ја исполнам таа заповед заедно со вас. Браќа, бидете сигурни не само во нашата победа, туку и во тоа дека уште пред битката ќе им втераме страв на противниците каков што тие не би можеле да ни предизвикаат дури и да се десетпати побројни. Всушност, најмногу се разликуваме од нив по стравот. Додека тие подлегнуваат на стравот од смртта и се обидуваат на разни начини да го отстранат или барем да го зауздаат, за по некое време тој да се пробие уште посилно и пожестоко, ние го насочуваме нашиот страв право, како што треба, само кон Бога. Тој е нашиот страв и единствениот од кого се плашиме. А Бог е со нас, браќа војници! Верувајте ми, и тие го знаат тоа. Знаат дека овој ден е одреден за нашата конечна победа, за победа на правдата која никогаш порано не постоела во светот и не можела да постои зашто секогаш се обожавале само лажни богови. Браќа војници, ова е ден кој ќе го паметиме не само ние, туку и сите идни генерации, сѐ додека човекот чекори по Земјата!“
Во логорот на Максенциј јасно се слушнаа заглушувачките извици кои го придружуваа овој говор на Константин.
„Нека завиваат кучињата!“ – му дофрли Максенциј на стотникот со подбивна насмевка.
Тој ѝ се беше придружил на својата војска пред само неколку часа, кога поттикнат од поволните пророштва реши да ја напушти заштитата на римските ѕидини. Сепак, не успеа да го подигне моралот на своите војници, разнишан од поразите на северот на Италија. Згора на тоа, тој внесе немир меѓу војниците кој претходно го немаше. Уште додека Константин сѐ уште беше далеку зад Алпите, Максенциј беше предупреден од жреците дека не смее да го напушти Рим пред Константин, по ниедна цена. Му рекоа дека ако го стори тоа, ќе биде убиен и Царството ќе падне во рацете на Константин. Максенциј, кој вообичаено беше крајно надмен и не признаваше виша сила, тогаш, на сечие изненадување, несомнено ги послуша советите на жреците. Заповеда да се достават големи количини жито и резервни трупи во Рим и да се зајакнат градските ѕидини. Покрај тоа, наложи советот на жреците да се рашири низ Царството како непобитно пророштво, за да се оправда неговото отсуство од бојното поле. Тој, се разбира, не го стори тоа од ненадеен страв од Бога и обѕир кон своите поданици, туку поради својата млитавост, верувајќи дека неговата надмоќна војска ќе извојува победа и без неговото водство и напори. Сега кога одеднаш се премисли и преку ноќ се појави на брегот на Тибар, неговото доаѓање можеше да се протолкува само како лош знак. Залудно жреците застанаа пред војниците и ги убедуваа дека Максенциј мора да победи на својот dies imperii, кој се славеше токму на тој ден, односно на петтиот ден пред ноемвриската календа. Ништо не можеше да го потисне чувството на непријатност и потиштеност кои како зараза се ширеа низ толпата.
И иако тоа не се забележуваше однадвор, и самиот Максенциј беше вознемирен. Тој се присети како неодамна се беше забавувал во раскошната палата зад римските ѕидини, не грижејќи се премногу за победите на Константин и за неговото приближување по патот Фламинио. Сè му се чинеше далеку, таму некаде зад ѕидините, од другата страна на Тибар, па не се возбудуваше премногу дури и кога упориштата на неговите сили почнаа да паѓаат едно по друго. Сè уште беше приредувал раскошни гозби и поголемиот дел од времето го поминуваше со своите развратни придружници. Кога пијанство знаеше да извика: „Што ќе правиме со Константин!?“ – тие го уверуваа дека градот е толку добро снабден со жито и војска што може да издржи десет Константини, макар и сите тие истовремено да напаѓаат од сите страни на светот. Дури и во последните денови, кога Константин веќе беше опасно блиску до Рим, тој посветуваше повеќе внимание на организацијата на прославата на петгодишнината од своето стапување на престолот, отколку на извештаите на своите генерали за текот на битката со Константин.
И можеби ќе останеше така, ако претходниот ден, додека се одржуваа игрите во циркусот, по повод неговата diesa imperii, некој не викнеше: „Константин не може да се победи!“ Тој крик како да го пресече, како да разбранува нешто во него, ги уништи темелите изградени од лаги и секакви нечистотии, на кои почиваше неговиот дух, од кои беше исткаен неговиот живот. Блед и вознемирен, набрзо го напушти циркусот и свика итен состанок со неколку од најблиските сенатори, заповедајќи истовремено да се бараат Сибилинските книги.
Кога беше објавено Сибилинското пророштво: „На петтиот ден пред ноемвриската календа, непријателот на Рим ќе загине“, од сите страни се кренаа извици: „Да живее Максенциј! Да живее Рим!“ Сенаторите го опколија и почнаа да го убедуваат, колку што можеa поречовито, дека пророштвото е последниот удар за Константин, навестување на крајот на здодевната закана – тој требаше само да чека да се исполни она што судбината веќе го одредила. Понесен од атмосферата на ласкање и триумф, Максенциј со свечена заклетва им вети на собраните дека, бидејќи победата му е предодредена, ќе им се придружи на своите сили на Миливискиот мост уште следното утро. Го залажа неговата гордост, која не можеше да поднесе некој друг да ја преземе славата за победата над Константин. Меѓутоа, откако се повлече во својот дом и остана сам, неговиот пркос и смелост исчезнаа и немирот повторно се вовлече во него како зол дух.
Текстот на Сибилинското пророштво му се мешаше со сликите од видението на еден од неговите жреци кој го беше уверувал дека не треба да го напушта Рим. Како повторно да го виде пред себе:
„Превозвишен цару, во мојата татковина во близина на градот Самосата, на крајот од една стрмна клисура, постои мост посветен на семејството на царот Септимиј Север, кој бил изграден пред околу сто години, од 16-тата легија наречена Галска, за војната против Партите. Големиот мост со прекрасен камен лак првично имаше четири украсни столба издигнати над оградата, по два на секој брег: едниот столб беше посветен на Север, вториот на неговата сопруга Јулија Домна, а другите два на нивните синови, Гета и идниот цар Каракала. Но, набргу откако се побунил против својот брат, Гета бил погубен, а неговото име било избришано низ целото царство. Срушен бил и неговиот столб на Северовиот мост, а денес таму има само три столба. Превозвишен цару, синоќа го сонував тој мост. Стоев на него, меѓу два високи столба, додека ветрот дуваше со невидена сила, а водите на реката се вртеа создавајќи огромни бранови, не помали од оние на отворено море. Освен што времето беше толку лошо, ме мачеше нејасна непријатност, мешавина од лошо претчувство и страв, како што често се случува во соништата. Знаев многу добро каде се наоѓам, го знаев секој камен од мостот, секој збор од натписот на столбовите, а сепак истовремено бев сигурен дека целото мое знаење е безначајно, дека доаѓа од некој друг свет. Кога ги прочитав натписите на столбовите, тоа се потврди. Имено, натписите беа целосно изменети, со сосема други имиња. Ги прочитав повторно, и по третпат, за да се уверам во тоа што го видов. Но, немаше сомнеж: на столбовите веќе не беа имињата од времето на Север, туку имињата на родителите на Константин, Констанциј и Елена. Запрепастен, целиот треперејќи од ужас, тргнав кон другиот брег за да видам што пишува на третиот столб. Меѓутоа, кога и да се доближев до средината на мостот, ветрот ме фрлаше назад, меѓу тие два столба. Ова се повтори десетина пати. На крајот, веќе уморен, се сетив дека можам да се обидам да го поминам мостот ползејќи. Се наведнав и всушност успеав да се довлечкам до самата основа на третиот столб. Ги завив рацете околу него и го кренав погледот... Почитуван цару, нека ми се смилуваат боговите, но името на Константин беше напишано на столбот, со големи златни букви. И како тоа да не беше доволно страшно само по себе, реката исфрли пред мене влажен тркалезен камен извалкан со кал. „Остаток од некогашниот столб на Гети“, си помислив и се наведнав за да го превртам и да видам дали и на него има напишано нешто. Имав што да видам – грди раскопани букви го откриваа датумот на вашето diesa imperii, а над него вашето име... Тоа, почитуван цару, беше мојот сон. Неговата порака е јасна: во никој случај не смеете да излезете на Тибар, особено не на Црвените карпи и на Миливискиот мост. Кога ќе се приближи Константин, останете во градот, барем до diesa imperii. Дури тогаш повторно советувајте се со нас и со пророчиштата. Тогаш боговите веројатно ќе бидат помилосрдни...“
Да, тој го послуша врачот: чекаше да стигне до својот dies imperii и се советуваше со пророчиштата. И каков одговор доби: „Непријателот на Рим ќе пострада.“ Единственото прашање беше: „Кој е непријател на Рим?“
Додека стоеше меѓу своите војници подготвувајќи се за говор пред битката, погледна право во оштетениот Миливиски мост. Сама по себе му се наметна помислата на несреќниот Гета и на мостот кај Самосата. Не беше потребен никаков пророк за да му го каже тоа – сигурно беше дека или тој или Константин ќе завршат приближно како Гета. Еден од нив ќе биде избришан од сеќавањата на овој или оној начин. Damnatio memoriae – бришење од сеќавањата – беше неизбежна оваа практика која некои не ја одобруваа, но секако беше неопходна за здрав развој на една нација која не смее да губи време на меѓусебни конфликти и граѓански војни кои обично се поттикнуваат со сеќавањето на губитниците.
Што да каже во својот говор? Секако, треба да спомене дека Константин има на располагање само четириесет илјади луѓе, додека тој има повеќе од двојно. Тој го брани Вечниот Град, душата на Царството, со сите негови жители, богатство и големина. Таму се коските и гробовите на нивните славни предци, нивната гордост... А против нив, горе на другиот брег на Тибар, стои оној чија смрт веќе ја имаа одредено Сибилинските книги, убиецот на неговиот татко, сопругот на неговата мала сестра Фауста... Се сети на нивните поранешни средби... Се сети и дека всушност неговата мала сестра го беше спасила Константина од смртоносната заседа што му ја беше подготвил татко му Максимијан. Жените никогаш нема да разберат. Ниту неговите најблиски роднини, ниту неговата сопруга Валерија, ќерка на покојниот цар Галериј, која утрово го испрати во солзи, но му се чинеше дека жали и се грижи повеќе за себе отколку за него.
Беше навикнат сите проблеми да ги решава со пари: сплетки, заседи, вртење на луѓето едни против други, политички игри, во тоа се снаоѓаше. Меѓутоа, сега се најде лице в лице со непријател пред кого сите негови способности не значеа ништо. „Имало ли некогаш поголема битка на Тибар?“, се запраша одеднаш додека ги гледаше сите тие штитови на Константин исшарани со знакот на Христограмот. Се замисли, погледна наоколу во мноштвото непријатели кои веќе не можеше со ништо да ги поткупи, а потоа промрморе и се сврте кон заповедниците и својата војска за да го одржи последниот говор...
Се зададе вик, прво од едната, па од другата страна. Небото речиси се помрачи од стрелите и со силен татнеж двете војски тргнаа кон реката и кон мостот. Прво се судрија коњиците.
Јуст со расече првиот непријател низводно од мостот Миливиј, веднаш до реката. Почеток на битка во која сè уште ништо не може да се распознае, удари и крици насекаде. Голем дел од силите на Максенциј преминаа на нивниот брег. Ниту за Јуст, ниту за другите, времето како да не постоеше, не размислуваа за ништо друго освен за непријателот пред себе. Човекот повеќе не е свој, туку станува едно, маса која има иста цел, исто тело. Во ниту еден момент од животот, Јуст не се беше чувствувал толку моќен како во моментите на борба гради в гради. Моќта да бидеш жив, слободен, независен, победник во секој случај, затоа што се бориш, а додека се бориш, никому не се покоруваш. Ако погинеш, повторно не си поразен, главната работа е да се бориш и да не се откажуваш. Сѐ додека се бориш, не си поразен...
Борбата беше жестока. Сознанието дека тие всушност се последната одбрана на Градот им даде дополнителна сила на војниците на Максенциј. Дури се чинеше и дека нивната коњица победува, но кога пешадијата влезе во борбата, работите почнаа да се менуваат. По лицата на противниците, по нивното сè позбунето вртење и погледнување назад, се насетуваше дека ја губат самодовербата и сѐ поочигледно беше дека веќе не се целосно фокусирани на битката. Некој извика: „Константин е мртов! Константин е мртов!“ Тоа беше само измама вообичаена во битките. Набрзо од многу страни одекна одговорот: „Константин не може да се победи!... Константин не може да се победи!“ И навистина не можеше да биде победен. Јавајќи го својот вранец, тој сечеше сè околу себе. И кога веќе се чинеше дека темнината ќе падне порано отколку што ќе заврши битката, силите на Максенциј, како по договор, одеднаш целосно се предадоа. Го свртеа грбот и речиси сите навалија кон мостот набрзина изграден од чамци, поставен малку пониско од стариот Миливијски. Сепак, тесниот и нестабилен мост не можеше да го собере мноштвото што се слеа кон него. Затоа, многумина, стиснати меѓу брегот и силите на Константин, почнаа да се фрлаат во Тибар за да стигнат до другиот брег.
Максенциј, опкружен со телохранители, на почетокот не разбра што значи промената во тонот на мрморењето на толпата. Заглушувачката врева, исполнета со ѕвекот на мечеви, свиреж на стрели и копја, одеднаш беше заменета со татнеж сличен на оној на циркус или амфитеатар, кога толпата истовремено почнува да мрмори и да вика. Збунет, ги стегна уздите на коњот и прашално ги погледна своите соборци. Стоеше така само за момент, а потоа му стана јасно дека сè пропадна. Им заповеда на своите телохранители да му ослободат простор за да се повлече... Исплашени лица, исплашен коњ... Мораше да се симне. За да не биде премногу забележлив во својот светкав оклоп, го сметна и шлемот. Мостот се чинеше блиску, но напредуваа многу бавно. Колку и да мавтаа телохранителите, постојано се туткаа нови луѓе. Конечно стапна на дрвената греда. Поплава од луѓе над надојдениот Тибар. Го туркаа од сите страни, но тој сепак малку по малку напредуваше кон другиот брег. Уште само дваесет чекори... Одеднаш се слуша тресок и Максенциј ја изгуби рамнотежата. Виде како дел од мостот, еден чамец и неколку греди отпловуваат по реката, повлекувајќи десетици луѓе со себе... Повторно се сети на столбот на Гети и на бришењето од сеќавањето. Damnatio memoriae... Не сакаше да умре од рацете на непријателот, а сепак немаше храброст да се убие. Заедно со уште неколкумина скокна во реката...
Штом Јуст сфати дека битката е добиена, почна да го напушта поривот за борба. Остана на својата позиција покрај реката кај стариот мост и ги штитеше пешадинците покрај брегот, но без жестокост и желба за убивање. Немаше волја да ги гони преплашените сонародници.
Кога трубата конечно го означи крајот на битката, се симна од коњот и седна на блиската карпа.
Големата црвена топка на сонцето во светлосив превез полека се спушташе кон хоризонтот. Дали е вистина дека во смирените мигови од денот човекот најмногу се доближува до божествените сили и до другиот свет? Се сети на својот роден град Парентиум: ...неговото стражарење на брегот во близина на храмот на Нептун, воените чекори на декуманусот, погледот на морето и Алпите во далечината... Беше ведар зимски ден кога, пред околу осум години, неколку христијани беа погубени во неговиот Парентиум, меѓу кои и епископот Мауро, човек кој се сметаше за светец. Што би рекол кога сега би ги видел сите тие христограми на штитовите, кога би знаел дека секој десетти војник е христијанин? Знакот што толкупати го беше видел врежан во песокот и на улиците, како плашлив знак на препознавање низ Царството, сега стана знак на победата, дури и во човечките очи.
Толпи војници сè уште ги исполнуваа двата брега на Тибар. Да не беше небото чисто од стрели и да не се слушаше весела песна, можеше да се помисли дека битката сè уште трае. Јуст сакаше да тргне кон местото каде што го беше видел военото знаме на своите другари, кога забележа дека му се приближуваат неколку коњаници, меѓу кои се издвојуваше еден во сјаен оклоп, јавнат на вранец. Веднаш го препозна Константин кој очигледно се беше упатил кон стариот мост. Очекувајќи дека групата само ќе мине покрај него, Јуст стана и ја наведна главата во знак на почит. Се изненади кога топотот на копитата запре, а царот со својот рапав глас весело извика одозгора: „Без почести, јунаку. Оваа победа не е ништо помалку твоја одошто моја. Затоа, главата горе!“
Срдечноста на царот, поради која беше омилен меѓу војниците, повторно дојде до израз. Јуст му одговори со насмевка.
„Од каде си?“ – го праша царот.
„Од Парентиум во Истра.“
„Сум слушнал за твојот град, но не знаев дека имате добра коњица. Да живееш!“
„Да живееме!“
Иако Константин беше десет години постар од Јуст, на Јуст му се чинеше дека тој и неговите придружници никогаш не ќе можат да ги постигнат нијансите на неговото расположение и гримасите што ги поседуваше неговото лице. Во тоа лице имаше срдечност, веселост, љубопитност, дури и некоја скриена момчешка разиграност, но во исто време трагичност и мрачна таинственост.
Откако се поздрави со својот коњаник, Константин и неговата придружба се спуштија до самата река, а потоа се симна од коњот и стапна на мостот. Се потпре на делумно уништената ограда и се загледа во водата. Прославата на победниците, лелекот на оние умираа, црцорењето на птиците и шумот на реката – сè беше измешано. „И време е да биде“, помисли тој. „Секој нека го прави тоа што му е одредено, за што го создал милостивиот Бог.“
Пред да се врати назад, му нареди на еден од своите придружници да ги соберат заповедниците, па да се продолжи и заврши тоа што сега дури и непријателите го очекуваат од нив. Додека јаваше по Тибар, кој, како и небото, стануваше сѐ помрачен, војниците што ги сретнуваше го поздравуваа со видна гордост и возбуда. Сите беа свесни дека се случило нешто големо.
.....
158 стр,, 200 х 140 мм, 2023 г. - 250 ден.
Нова книга!
„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска. Книгата содржи материјали од оставината на основоположникот на македонското граматичарство, авторот на првата македонска граматика, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби.
Во оваа книга е објавени текстови за развојот на македонскиот литературен јазик; обраќања при одбележувањата на годишнини од првата македонска граматика; текстови од методиката, историјата на македонскиот јазик, за изучувањето на македонскиот јазик на Учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоевград) во 1947/48 година, за развојот на други литературни јазици, собрани материјали за населението и границите на Македонија, белешки за карактеристиките на македонскиот јазик, како и текстови за некои културни обележја и историски моменти на македонските градови и села.
Оваа книга е втора со оставината на Круме Кепески, првата – „Статии и анализи за македонскиот јазик“, е објавена во 2014 година, во издание на „Македоника литера“.
Круме Кепески (1909 – 1988) е роден е во Прилеп, во ситносопственичко-занаетчиско семејство. Основното и шест класа гимназија ги завршил во Прилеп, а средното образование го дооформил во Битола. Дипломирал на групата Српскохрватски јазик и старословенски јазик во Белград (1935). За време на македонската ослободителна војна, како припадник на бригадата „Гоце Делчев“, во 1944, Круме Кепески добива обврска да работи на собирање на историски материјали за Македонија кои треба да послужат за мировната конференција во Париз. Во 1945 година работи на првата македонска граматика, која од печат излегува во почетокот на 1946 година. Во почетокот на 1946 година, со Воислав С. Илиќ и едно воено лице работи на утврдување на македонската терминологија за воената артилерија, а во 1946 година станува прв главен редактор на Македонското државно книгоиздателство. Во својот работен век Круме Кепески работел најпрво како професор по славјанска филологија во гимназиите во Прилеп, Приедор, Плевен, Велес и како професор по македонски јазик во Неготино, во Учителската школа и Техничкото училиште во Скопје и во Учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоевград). Ангажиран бил во различни курсеви, предавајќи македонски јазик, а потоа бил избран за професор на вишепедагошкиот курс, кој траел една година, за да се оформат првите наставници. Од 1949 година до пензионирањето во 1977 година, со мали прекини, бил професор по македонски јазик, методика на македонскиот јазик и старословенски јазик на Педагошката академија во Скопје.
За својот најзначаен придонес за македонскиот јазик – авторството на првата македонска граматика, Круме Кепески запишал:
„Со здобивањето на нашата национална слобода ... со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик, се создадоа благопријатни услови за развиток како на нашта просвета, така и на нашата култура. Тогаш кога во сите наши села и градови се отворија голем број школи и други културни институции, историска беше нужноста од создавање на граматика за македонскиот литературен јазик. Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзовав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: „македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците“, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: „људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика“, и се зафатив со тешка задача – со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик.“ – „Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите.“
Click here to claim your Sponsored Listing.
Videos (show all)
Category
Contact the business
Telephone
Website
Address
7000
Nikola Tesla Br. 66
Bitola, 7000
Школски материјали, компјутерска галантерија, печатење и многу други поволности. Повелете
Ulica Filip 2 Br 30 Bezisten
Bitola, 7000
Fotokopir,Pechatenje.Skeniranje.Plastificiranje Uchilishen pribor.Kancelariski materijal.Knigi za golemi i mali.Igrachki.Chestitki